Цигарите секојдневие во Штип – најмалку 4.500 денари месечно трошат пушачите

Најмалку 4.500 денари трошат месечно граѓаните за цигари. И покрај растот на цените, велат дека не можат да се откажат од оваа навика. Едни пушат цигари и по 40 години, а други помалку, но сите категорични дека со нив легнуваат и стануваат. Со утринско кафе, после ручек, во добро друштво или за опуштање – цигарите, велат, станале дел од секојдневието без кое тешко функционираат. Иако признаваат дека се голем удар за домашниот буџет, зависноста, додаваат, е посилна од желбата да ги остават.

Дел анкетирани велат дека од цигарите најчесто се откажуваат кога ќе се појават здравствени проблеми. Во анкетата, поранешните пушачи велат дека по 30 години пушење цигари, морале да ги остават, откако почнале сериозно да влијаат врз нивното здравјето.

Лекарите постојано предупредуваат дека цигарите сериозно му штетат на здравјето, но многумина и понатаму не можат да се откажат од оваа навика. Со најмалку 4.500 денари месечно за цигари, граѓаните годишно трошат околу 54.000 денари – сума со која, како што велат дел од анкетираните, би можеле да заштедат или да си дозволат нешто покорисно за себе и семејството.

Иван Митев, М-Нет