Цигарите месецов поскапи за десет денари, трето поскапување за година и пол

За десет денари од кутија минатиот месец, претходно во јули минатата година, како и минатиот февруари – цените на цигарите се променија трипати за година и пол. Прво пораст имаше кај увозните, а по неколку дена поскапеа и некои цигари од домашните производители. Новите цени се очекуваа со оглед на трендот на зголемување на цените на суровините, репроматеријалите и енергенсите, пред сѐ гасот и електричната енергија, кои имаат удел во производството. Трговците посочија дека покачувањето им било најавено од страна на дистрибутерите, но се изненадиле од процентот. Од поскапувањето се изненадени и граѓаните. Непушачите незинтересирани за цената на цигарите, а пушачите свесни дека за нив е луксуз. Некои наместо да купуваат, сами прават цигари, ама посочуваат дека и тоа не е значително поевтино.

Притисок врз цената на цигарите создава и редовното годишно зголмување на акцизата, која како дополнителна давачка ја воведе државата за да го дестимулира пушењето. Во изминатите години, за да избегнат поголемо поскапување на цигарите, некои производители и увозници на цигари, носеа одлуки да преземат дел од трошокот за зголемената акциза врз себе. Поради новиот Закон за тутун од 2019 година, од ноември 2020 година, сите пакувања сега содржат по 20 цигари, наместо 19 цигари. Според последните истражувања, Македонија е меѓу првите 10 земји во светот врз основа на преваленца на пушење и вкупниот број испушени цигари дневно по пушач, додека 40 отсто од населението се пушачи. На македонскиот пазар веќе не можат да се најдат цигари под 100 денари.

Ребека Спасова М-Нет