
Цената на пелетите замзната на 27.000 денари за тон. Ова денеска го соопшти и министерот за економијата, Крешник Бектеши, кој вели дека одлуката доаѓа по анализите за месец октомври, а на предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Тој смета дека разликата меѓу увозната и продажната цена е солидна, па трговците нема да се во загуба и ќе ги покријат сите режиски трошоци.
„Кога е отворена оваа тема во делот на пелетите и огревното дрво, Министерството за економија се обратило до Министерството за земјоделие и Македонски шуми. Согласно со нивните предлози е донесена оваа одлука. Увезената цена по тон за пелети 22.940, во делот на домашното производство на пелети, таму информации би требало да имаат Национални шуми. Ние како Министерство за економија сме постапиле“, соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Од друга страна, Бектеши најавува и намалување на цените на основните прехранбени продукти за најмногу десетина дена. Утре ќе се донесе и дополнителна одлука со која ќе се прошири списокот на дејностите поддржани од Владата и целиот ланец на месната индустрија ќе биде покриен со субвенционирана електрична енергија.
„Во наредните десет дена очекуваме намалување на цените на основните прехранбени производи, посебно на тие кои се наведени во Одлуката за намалување на маржите. Понатаму очекуваме и дополнително намалување, и во делот на лебот веќе почна поевтинувањето. Очекуваме во наредните 3-4 дена намалување на цените на млекото и млечните производи, а до крајот на наредната недела и намалување на цените на месните производи“, додаде Бектеши.
Бектеши уверува дека од 1 јануари нема да има драстично поскапување на цената на стујата и парното. Порача граѓаните да бидат спокојно, зашто нема да има проблем ниту со снабдувањето со парното и струјата, бидејќи се подготвени и тековно прават сооодветни анализи.
Ребека Спасова М-Нет