Цената на водата во Карбинци останува иста, во тек е пробниот период за користење на водата од ХС Злетовица

Во тек е пробниот период за користење на водата од ХС Злетовица во неколку населени места во Општина Карбинци. Во Балван, Козјак, Црвуљево и Таринци веќе тече оваа вода, а во наредниот период ќе биде пуштена и во Радање, Аргулица и подплачковичките села. Цената за водата за пиење во Карбинци нема да трпи промени, вели директорката, Елена Коцева. Ново регулирање ќе има во 2025 година.

„Сакам да напоменам дека се уште трае регулираниот период за цената на водата 2022 -2024 година и до крајот на овој период нема да има никаква промена со цената на водата, не зависно дали се користи бунарскиот систем или системот Златовица. Не се очекува промена на цената на водата останува иста како и до сега.“ – вели Коцева.

Коцева посочува дека намалени се и загубите на вода споредбено со претходните години, меѓутоа не се сосем отстранети. Дополнително се соочуваат и со проблеми со граѓани кои ја користат водата за пиење ама не ги подмируваат редовно своите сметки.

„Во споредба со изминатите години загубата на вода е намалена за 20%. Но, секако се соочувааме со згуба на вода, заради различни дефекти, неодговорност од страна на корисниите и слично.“ – додава Коцева.

Во сезона на високи температури, Коцева апелира граѓаните рационално да ја користат водата за пиење, за да може да ја имаат постојано.

„Сакам да ги замолам граѓаните на Општина Карбинци, за да имаме подобро водоснабдување, правило и рационално да ја користат водата за пиење и навремено да се подмируваат сметките за вода“ – вели Коцева.

Општина Карбинци треба да се приклучи целосно на ХС Злетовица со што граѓаните ќе имаат навремено и постојано водоснабдување.

Лаура Стојанова М-Нет