
Проект за целосно осветлување на Штип ќе се спроведе во текот на следниот период. Имено, градоначалникот, Иван Јорданов, денес оствари средба со конзулот на Чешка и претставниците на чешката компанија со која е потпишано јавно – приватното партнерство. Тој истакна дека ова била главна тема на разговор сè со цел да се осветли секоја темна улица во Штип.
„Да најавам во иднина еден проект за целосно осветлување на Штип, односно за осветлување на сите темни точки во нашиот град, улици коишто досега никогаш не биле осветлени. Во соработка со компанијата во наредните месеци Штип ќе добие еден нов сјај, подобрување на уличното осветлување, секако на задоволство на нашите сограѓани. Впрочем, тоа го ветивме во предизборниот период и денес веќе се спроведува, а денеска официјално го најавувам. Започнуваме со проект за осветлување на сите темни точки и улици коишто досега никогаш не биле осветлени“, истакна Јорданов.
Претставниците на Чешка истакнаа благодарност за можноста да се активираат и на македонскиот пазар. Додадоа дека соработката продолжува со тоа што вакви и слични проекти освен во Штип, се спроведувале и во други градови од државата.
„Би сакал да се заблагодарам на градоначалникот на Штип, господин Јорданов, за соработката со чешката фирма. Им честитам на претставниците на фирмата ИЦС системи за успехот. Една солидна чешка фирма е застапена на македонскиот пазар. Тие својот успех веке неколкупати го покажаа преку реализација на вакви проекти во повеќе градови во државата, како што се Охрид, Куманово и други. Би сакал да додадам дека соработката со Општина Штип и Чешката амбасада е многу добра и се надевам дека во иднина ќе продолжиме во тој правец“, истакна Давид Черногорски, конзул од Чешка амбасада
„Веруваме дека нашиот проект ќе биде голем придонес за Општина Штип и со него ќе може да се заштедат многу големи суми на пари кои ќе ги искористат во други проекти во Општината“, додаде Јан Тума, сопственик на чешката компанија.
Освен ова на состанокот се разговараше и за ново противпожарно возило за задоволување на потребите на противпожарната единица, како и за привлекување чешки компании во Штип.
„Досега сме имале поддршка во медицинска опрема, која треба да пристигне во нашиот град. Сега разговаравме за поддршка преку ново противпожарно возило во Штип, за привлекување чешки компании, за отворање индустриска зона која ќе ги привлече компаниите од Чешка“, додаде Јорданов.
Меѓу другото договорена е и средба со компаниите пред кои ќе се презентираат идеите за нови проекти за развој на Општина Штип, а и двете страни се согласни дека иницијатива за соработка има.
Ребека Спасова МНет