Се реконструира спортското игралиште во населба Балканска, улиците ќе се асфалтираат напролет

Започна реконструкцијата на спортското игралиште во населбата Балканска во Штип. Како што беше и најавено, денес се асфалтира, а во наредниот период ќе се обноват и реквизитите. Игралиштето ќе се огради и дополни за поубав изглед на тој дел од населбата, со што жителите ќе добијат место за рекреација.

„Но после ставањето на асфалтниот слој ќе пристапиме со поставување на ограда, на други содржини, нови кошеви, нови голови со цел овој спортски објект да добие комплетно нов изглед“, истакна Јорданов.

Освен ова, Јорданов, како што и претходно најави, потенцираше дека во сите населби, особено во приградските, нема да остане улица во кал и прашина. Сепак, за ова ќе треба да се почека пролетта поради временските прилики.

„Поголем дел од улиците коишто имаат потреба од асфалт нема да ги асфалтираме до крајот на годината затоа што временските прилики не ни дозволуваат. Има три – четири улици во населба Балканска во должина од над 2000 метри, коишто во следните неколку месеци ќе бидат асфалтирани. И не само во населба балканска, туку и во сите останати приградски населби каде што има останато улици со кал, истите ќе бидат тампонирани и асфалтирани“, додава Јорданов.

На прашањето што е направено, а што ќе се прави во оваа населба, Јорданов истакна дека на повеќето полиња е дејствувано во рамки на временските можности. Сепак, во однос на јавното осветлување, патната инфраструктура, водоснабдувањето и чистотата ќе се работи и во следниот период.

„Од информациите коишто ги имам во овој момент е променето целосното улично осветлување во населба Балканска, а најавувам дека и на останатите улици и краци коишто досега никогаш не биле осветлени, ќе бидат додадени електрични столбови и канделабри за осветлување. Имаме еден друг проблем со електричната инсталација, којшто ќе го решаваме во следниот период. Најчестите дефекти коишто настануваат не се на сијалиците, туку на електричната мрежа. Во соработка со ЕВН веќе го решаваме тој проблем и ќе пристапиме кон поставување соодветна опрема за да се намалат честите дефекти кој се случуваат после секое невреме во нашата општина“, одговори Јорданов.

Конкретно во населбата Балканска, напролет ќе треба да се асфалтираат неколку улици во должина од 2000 метри, а игралиштето на кое се работи е 1250 м2 за кои се издвоени еден милион денари.

Ребека Спасова МНет