Цветковиќ донесе триумф за Вардар во градската пресметка со Работнички

Вардар го победи Работнички со 1-0 во натпреварот од 27.коло во Првата фудбалска лига. Стрелец на победничкиот гол беше Стефан Цветковиќ од слободен удар во 23.минута од мечот.

Градското дерби не донесе пеколно темпо, но, сепак, двете екипи создадоа доволно шанси за да има и повеќе голови.

Во 12.минута, Азер Омерагиќ имаше одлична шанса, но со удар со глава шутираше директно во Ондоа. Претходно, капитенот на Вардар беше непрецизен по корнерот од десната страна.

Вардар дојде во водство во 23.минута. Стефан Цветковиќ одлично изведе слободен удар и со помош на дирекот ја затресе мрежата на Работнички.

Закариќ во 26.минута, упати силен, но непрецизен удар.До крајот на првиот дел, се закани уште еднаш Закариќ, а Работнички имаше опасен обид преку Сухељ Мухарем во 33.минута, но беше за малку непрецизен.

Во второто полувреме, Зија Мерџани во 52.минута ја имаше најубавата можност за Работнички. Во соло акција надмудри неколку фудбалери по левата страна, шутираше, но Давор Талески го скроти неговиот удар.

Шанси за удвојување на водството имаа и Омерагиќ и Закариќ, но немаше прецизна завршница.