Силекс од пенал до три бода против Башкими

Силекс ја продолжи серијата на победи во ПМФЛ, откако дојде до третата во низа. Во Кратово денеска беше совладан тимот на Башкими со 1:0. Тешката победа на кратовци беше остварена во вториот дел со гол од белата точка, но треба да се напомене дека Силекс имаше многу повеќе од играта и од шансите, а успеа на крајот од пенал да стигне до посакуваните бодови.

Иако првиот дел заврши без голови, имаше многу шанси, особено Силекс кој се закануваше главно преку Додев, но не го најде патот до мрежата.

Првата шанса Додев ја имаше во 6. минута кога директно од корнер упати остра топка во голот, но одбрани Јашар. Истиот фудбалер во 24. минута од лево шутираше, само крај голот. Прилика во 34. минута имаше Алиќ, кој промаши голема шанса по додавање на Тимовски.

Во финишот на првиот дел и Башкими се буди. Рибеиро имаше две шанси, ама неговите обиди ги одбрани Џеков.

Во 43. минута Додев додаде до Алиќ кој шутираше само крај голот, а последната прилика во првиот дел ја имаше Мирчевски кој беше изблокиран, а топката оди за малку крај голот.

Иницијативата на Силекс продолжи и во вториот дел. Во 49. минута по нафрлувањето на Тимовски, за малку Травали ќе си постигнеше автогол, па мораше да интервенира и Јашар во корнер. Шанса за домашниот тим и во 54. минута откако Пиреш со глава по изведен корнер се обиде за малку над пречката.

Силекс можеше да поведе и во 63. миута откако имаше двојна шанса. Најпрво Мишов се обиде по асистенција на Ефтимов, меѓутоа одбрани Јашар. Во истата акција Анѓелески упати удар од 25 метри, но топката ја затресе пречката.

Во 66. минута шанса за Силекс, Алиќ излегува сам пред голот, а Личина стартува од позади и добива црвен картон, а кратовци имаат шанса од пенал да дојдат до предност. После ВАР проверките, пеналот и црвениот картон беа потврдени, а во 68. минута Додев погоди од белата точка за Силекс, конечно, да дојде до водство.

Силекс нападна и за втор гол, а во 78. минута по една долга акција Ефтимов во завршницата шутираше непрецизно и само над голот. Тоа беше и последната шанса на натпреварот кој го добива домашниот тим, и ја продолжува битката за третото место на табелата.(ФФМ)