Хаварисани возила и понатаму низ Штип – граѓаните пријавуваат, надлежните реагираат

Хаварисаните возила низ Штип и понатаму остануваат проблем за граѓаните. Иако постојано се пријавува и надлежните велат дека се на терен, сепак во делови од градот и понатаму може да се воочат возила кои не се во возна состојба. Постапката за нивно отстранување започнува со пријава во Комуналниот инспекторат при Општина Штип, од каде комуналниот инспектор, Борче Везенков, вели дека вакви пријави има често и тоа од граѓани кои живеат во колективни станбени згради, а кои пријавуваат дека им е зафатено нивно паркинг место. По пријавата, комуналниот инспектор излегува на терен и се обраќа до сообраќајната полиција за да добие информации за сопственоста и состојбата на возилото. На сопственикот му се остава опомена во рок од седум дена да го отстрани возилото, а доколку истиот не го стори тоа се дава налог до ЈП „Стипион“.

„Кога граѓаните ќе воочат хаварисано возило кое се наоѓа на јавен паркинг, треба да пријават до Комуналниот инспекторат во Општина Штип, од каде што ќе излезат на терен, ќе направат увид, ќе изготват решение за отстранување на тоа возило и во последната фаза ЈП „Стипион“ нуди поддршка, излегува на терен и помага во отстранувањето на тоа возило“, вели Панче Стефановски, директор на ЈП „Стипион“.

Во однос на отстранувањето, пак, пајак возилото не е во функција, но оние кои не се во возна состојба Јавното претпријатие ги отстранува со друга градежна механизација и ги носи на локацијата кај Новакова чешма. Целата постапка трае околу еден месец и тоа е она на што најмногу реагираат граѓаните.

„На начин на којшто ќе ни даде налог Општина Штип, преку ангажирање на приватен оператор за да го отстрани возилото, поточно преку обезбедување возило за отстранување од јавниот паркинг“, додава Стефановски.

Инаку, штипскиот Совет во јуни месец, минатата година, усвои Ценовник за складирање на хаварисани возила. Според истиот, ако возилото кое веќе не е во функција го оставите на некое од јавните паркинг-места или друга јавна површина, па по налог се дислоцира, за складирањето ќе треба да платите од 150, па до 300 денари за ден. Целта на ова е сопствениците да се поттикнат самите да ги отстрануваат возилата, а, веројатно, истата се исполнува имајќи го предвид фактот, како што вели комуналниот инспектор, дека 90% од граѓаните кои добиваат опомена сами ги отстрануваат возилата.

Ребека Спасова М-Нет