Имаме ли национален театар? – теза на симпозиумот во штипскиот Центар за култура

Да се оправда тезата дека не постои национална драма без национален театар, беше една од целите на денешниот симпозиум на тема „Националната драма и националниот театар“, кој денеска се одржа во штипскиот Центар за култура. На истиот учествуваа Мишел Павловски, Тодор Кузманов, Катерина Петровска Кузманова, Кристина Николовска и Христо Петрески.

„Имаме национална драма, но таа истата се става зад сцената, не се исценира, што значи дека ние сме во една ситуација, во којашто ни недостасува национален театар. Замислите сега кога зборуваме за идентитетот, дека некои од елементи треба да го штитат, дали ние не треба и театарот да го ставиме како елемент, којшто говори и работи за идентитетот“, вели Кацаров.

Вината за недостаток на националниот театар, односно непоставувањето на македонски текстови во театрите, Кацаров вината ја наоѓа во македонските режисери. Смета дека овој проблем може да се надмине преку Програмата на Министерството за култура, која дава поддршка на културните институции и театрите во земјава.

„Има доволно драматурзи, но има режсери „енглези“. Секој којшто ќе заврши на Факултетот за драмска уметност или на некој начин ќе се стекне со статус режисер, тој станува „енглез“, тој станува странец. Јас не знам некој подобро да се справи со импортни конфликти, отколку со конфликтите на домашните автори. Но ова е една ситуација, којашто од година се повторува“, вели Кацаров.

По однос на ова прашање, професорот Мишел Павловски од Институтот за македонска литература при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје вели дека има национални драми, но драмата оживува на сцена.

„Нашите театри се трудат да посветат внимание и на странските и на домашните автори. Мислам дека секогаш може повеќе“, вели Павловски.

Ваков симпозиум се организира втора година по ред во Центарот за култура. Минатата година фокусот беше ставен на патувачкиот театар, а денешниот симпозиум се искористи и за промоција на книгата „Аспекти на камерниот театар“, чиј промотор беше Јоана Шишкова.

Ребека Спасова М-Нет