
„Во 1948 година татко ми го отвора првиот дуќан во Пробиштип и веќе 75 години трае приказната наречена „Фото Трајче““, вели Јордан Симоновски пред камерата на Телевизија М-Нет. Сето тоа е поместено во книгата за дејноста и семејно потекло на оваа занаетчиска фамилија, чија промоција ќе се случи во вторник, во штипскиот Безистен.
„Книгата е уште од корените на дедовците наши, колку сум јас сознал, толку сакам да оставам на децата, внуците, да го имаат потеклото, а понатаму ако можат да продолжат. Тука има како се развивала нашата фамилија, како се развивал занаетот, кога и што сме купувале и каде сме патувале. Има 1600 фотографии и тие зборуваат сѐ што треба, не мора многу да се пишува. Има за детството, за младоста, војска, свадби, во Келн, Јапонија, Париз, каде сме патувале јас, синот, татко ми… Сѐ има“, вели Јордан Симоновски.
Промоцијата на книгата ќе биде збогатена со изложба од 1600 фотографии. Симоновски вели дека многу моменти од занаетот се забележани во оваа книга, која останува како белег за идните генерации.
„75 години славиме, од кога е починат татко ми 101 година веќе. Веќе 50 години работиме „колор“, 23 години работиме дигитал, а имаме и други работи што сме први во Македонија и на Балканот“, вели Симоновски.
Симоновски посочува дека важно е секое семејство да има ваков белег, а потомците да знаат за нивните предци. Историјата треба да се зачува, додава тој.
„Јас би препорачал нешто друго, не само на штипјани, туку на сите. Во секоја фамилија се крие некоја историја, секој може нешто да напише и сега има многу добра технологија што може да се издаде една книга, не мора 200 – 300, како што порано условуваа печатниците. Барем за најблиските во семејството да остави една историја за да го имаат потеклото на секое семејство“, додава Јордан Симоновски.
Симоновски го презема дуќанот во 1980 година, кога татко му се пензионира, а дел од фирмата „Фото Трајче“ се бројни вработени, меѓу кои и неговиот син Трајче Симоновски, како и уште толку фотографи кои во „Фото Трајче“ носеле фотографии за изработка или набавувале фотографски материјал од нив.
Ребека Спасова М-Нет