И чипсот од 350 денари, „Такис“, стигна кај нас – што го прави привлечен кај децата?

По пијалокот „Прајм“, хит меѓу основците и средношколците е и екстремно лутиот чипс „Такис“. Популарноста, веројатно, не би била толку голема ако не се земе предвид главниот проблем кој се јавува и кај овој производ, а тоа е што за една ќесичка чипс кај нас плаќате околу 350 денари, иако, според податоците кои може да се најдат на социјалните мрежи, во некои од земјите се продава и по драстично пониска цена. Овој производ со спирален облик доаѓа со различни вкусови, најпопуларните се „фуего“, кој е екстремно зачинет, „Нитро“, уште полут чипс, „Салса Брава“, „Зомби“, со вкус на чили и сирење, како и „Вајлд“, кој исто така има лут вкус. „Фуего“ и „Нитро“ важат за екстремно зачинети и често се појавуваат во разни предизвици на социјалните мрежи, како што се „Такис предизвик“ или „Такис рулет“, кои се особено популарни поради тоа што ги креираат личности познати на социјалните мрежи. Што е тоа што толку ги привлекува децата кај овој производ?

„Децата, како и сите други луѓе, се социјални суштества коишто сакаат да припаѓаат во својата група и целата причина зошто им се привлечни ваквите производи е тоа што сакаат да припаѓаат во групата на своите врсници и со тоа да им се одобри некаков социјален статус помеѓу врсниците“, вели АнаМарија Павлова, психолог.

Родителите се во шок од цената на производот, посочувајќи дека е само обичен зачинет чипс. Реакциите за овој производ на социјалните мрежи, но и меѓу граѓаните, се сѐ почести.

Родителите речиси и да не можат да избегнат да им удоволат на своите деца, но многумина се децидни во тоа дека нема да им го овозможат овој производ. Психологот Павлова вели дека децата мора да се научат дека социјалниот статус и вистинската вредност не се во материјалните работи, а да се насочат кон поздрави навики.

„Родителите можат да го избегнат овој момент со тоа што ќе ги научат своите деца на вистинските вредности, ќе им докажат дека поседувањето на материјалните страни не е најважното нешто на коешто тие треба да се фокусираат во своите училишни денови, туку да прават поздрави нешта, како што е спортувањето, здравата исхрана и на тој начин да им се подобри функцијата на мозокот, бидејќи овие токсични производи го успоруваат нивниот мозок и раст“, вели Павлова.

Ваквите производи содржат голема количина шеќери и соли, што кај децата предизвикува хиперактивност и неможност за концентрација. Не е потврдено дека производот може да предизвика некои сериозни проблеми, но лекарите советуваат дека мора да се внимава на количината, зашто претераната консумација може да предизвика желудочни проблеми.

Ребека Спасова М-Нет