ФОТО: Вардар Неготино ја „уништи“ Марена, Питу Гули лесно до три бода, Големо Коњари се „лизна“

По три месеци пауза денес започнаа фудбалските возбудувања во Третата македонска фудбалска лига – Југ со натпреварите на 12. коло.

На стартот од пролетниот дел непоразениот лидер Вардар на домашниот терен во Неготино со убедливи 7:2 ја „уништи“ Марена, која немаше сили ниту на момент да го запре налетот на домашниот тим.

Голеадата на Градскиот стадион во Неготино ја започна Антонио Јанев во 11. минута од мечот, а по пет минути Ѓорѓи Шишков погоди за 2:0. Пред крајот на првиот дел Дарко Нацев зголеми на 3:0 на полувреме.

Во вторито дел Борис Михов постигна гол и го намали водство на Вардар на 3:1, но со два брзи гола на Петар Најдов и Марјанчо Илов, „вардарци“ имаат предност од 5:1. Гостите преку Роналдо Фазлиов дојдоа до втор гол за 5:2, а во финишот Петар Ристовски и Никола Вареловски ја „уништија“ Марена со убедливи 7:2.

Вардар уште еднаш потврдува дека е главен кандидат за нов бараж за Втора лига и засега чекори успешно на патот кон второлигашкиот бараж.

Конкурентот на Вардар, екипата на Питу Гули, на домашен терен во Крушево со убедливи 3:0 го доби Обршани и продолжува да го следи непоразениот лидер од Неготино. Некогашниот второлигаш трите бодови ги обезбеди во финишот на мечот.

Пред крајот на првото полувреме Беким Алимоски постигна гол за 1:0. Во вториот дел продолжи неизвесноста во Крушево за трите бодови, кога домаќините го пробија бункерот на гостите со гол на Ѓорѓи Стрезовски за 2:0 во 87. минута, а три минути подоцна Алимоски со втор гол ги постави конечните 3:0.

Трите бода останаа во Крушево и веќе се додадени на контото на Питу Гули, па во трката за првото место остануваа двајца тркачи односно Вардар Неготино и Питу Гули, откако денес Големо Коњари се „лизна“ на гостувањето кај Бучин.

Што се однесува до овој меч екипата на Големо Коњари пред стартот од пролетниот дел имаше реални шанси да го напаѓа врвот од табелата, но по денешниот пораз, трката за врвот се сведува на Вардар од Неготино и Питу Гули од Крушево.

Големо Коњари на гостувањето кај Бучин прв стигна до водство со голот на Ерџен Ибраимоски во 30. минута, со што на полувреме водството беше од 0:1 за гостинската екипа. Во вториот дел Бучин преку Сашо Талевски најпрво израмни на 1:1 во 56. минута, а за околу 8 минути игра стигна до водство од 2:1 со голот на Ѓорѓија Мургоски. До крајот домашниот тим успешно го чуваше водството, а Големо Коњари дома си замина како поразен тим со резултат од 2:1.

Ланскиот второлигаш Локомотива беше поразен на домашниот тим во Градско од екипата на Превалец со резултат од 1:2. Гостите први го отворија резултатот преку Пеце Стојанов во 37. минута за 0:1 на полувреме.

Во вториот дел Ристе Крстев зголеми на 0:2, а во финишот на мечот домашниот тим преку Павле Петров го ублажи поразот на конечни 1:2.

Слога со триумф над Младост од Кривогаштани со 2:0 го отвори пролетниот дел. Во првиот дел мрежите мируваа и на двете страни, а во вторите 45 минути Музафер Алиоски и Андреј Волчески погодија за конечни 2:0 и три бода за својот тим.

  • ЦЕЛА ТАБЕЛА ОД ТРЕТА ЛИГА – ЈУГ: