ФК Карбинци: Наш фудбалер беше нападнат во Виница од страна на две лица, реагираше полицијата

ФК Карбинци денеска излезе со официјално соопштение на социјалните мрежи за нападнат нивен фудбалер на денешниот натпревар од Трета лига Исток против екипата на Слога Виница. Соопштението го пренесуваме во целост:

ОФК Карбинци успеа само да постигне еден гол против шампионот на Третата Лига Исток, Слога 1934 од Виница (единствен примен гол за виничани во пролетниот дел). Моќниот состав на Слога постигна три гола во првото полувреме,откако ОФК Карбинци поведе со 1:0. Се гледаше желбата на Слога да се реваншира за единствениот пораз бо првенството, доживеан во есенскиот дел во Карбинци. На крајот беше 7:1 за шампионот, на чии играчи ОФК Карбинци им честита и им посакува среќа во баражот за влез во Втората лига.
За жал ,спортскиот настан имаше и неспортска предигра, заради која реагираше и полицијата. Пред почетокот на натпреварот, според изјавата на играчот на гостите Миле Димитров, дадена и во полиција во Виница, а поткрепена и со изјави од други играчи, тој бил нападнат од две лица, од кои според него еден бил член на управата на Слога, а другиот исто така бил во спортска опрема на виничкиот третолигаш. Играчот на ОФК Карбинци бил повикан во посебна просторија, каде останал сам со двајцата напаѓачи, и како што изјавил и во полициската станица во Виница, бил нападнат, држен за врат, ударен од маса и бил под константни закани по живот.
Претставници на МВР дојдоа на местото на настанот, земаа изјави од повеќе лица, кои изјавите потоа ги дале и на распит во МВР – Виница. Очекуваме надлежните да го расчистат овој случај, кој фрли сенка на спортскиот настан кој требаше да биде единствено во знак на спортот и прославата на титулата на Слога 1934 од Виница. – стои во соопштението на ОФК Карбинци.

Инаку на денешниот натпревар, ОФК Карбинци загуби на гостувањето против шампионот Слога Виница со 7:1.