ФК Вардар на листата на најголемите должници во УЈП: Долг од 800 илјади евра

ФОТО: Телевизија М Нет

Фудбалскиот клуб Вардар е меѓу должниците на листата што ја објави Управата за јавни приходи, најтрофејниот македонски фудбалски клуб има долгови од 48.660 207 денари (околу 800.000 евра).

Листата е за долгови доспеани до 31. јануари 2024 година и неплатени до 30. април 2024 година. Ваква листа на должници се однесува за оние кои ѝ должат на државата по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини.

„Црвено-црните“ веќе подолг период се мачат со финансиските проблеми, а клубот е во живот благодарние на верната навивачка група „Комити“. Вардар две сезони помина во Втората лига, лани преку баражот со Скопје се врати во фудбалската „елита“ на Македонија, а оваа година ќе игра бараж за опстанок со радовишки Детонит Плачковица, па преку бараж Вардар ќе бара спас за опстанок во елитата.

Ваквите долгови дополнително му прават проблем на Вардар, кој се мачи со финансиите и со нормално функционирање во Првата лига.

Вардар исто така има долгови и кон Јавното претрпијатие за стопанисување со станбен и деловен простор за користењето на Арената „Тодор Проески“, па затоа клубот настапува на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари како домаќин, наместо на Арената.

Александар Ванев, М-Нет