
Во недела ќе се одиграат натпреварите од последното 30. коло од Втората македонска фудбалска лига, а ова коло ќе ги решава дилемите која ќе биде втората екипа која заедно со веќе отпаднатиот Караорман ќе испадне во Трета лига, која екипа ќе игра бараж за опстанок, а кои две екипи директно ќе се спасат.
Едно коло до крајот, три бодови во игра, а четири екипи загрозени. Саса е во најтешка ситуција како претпоследна со 26 бодови на своето конто, а „рударите“ во последното коло ќе мораат да триумфираат над Вардар Неготино, но и ќе треба да ги сочекаат резултатите од нивните конкуренти за опстанок.
Тетекс е на 14-тото место или во бараж зоната за опстанок, а во последното коло „штофарите“ ќе играат против Башкими во Куманово, каде Тетекс ќе мора да освои три бодови, бидејќи има полош меѓусебен дуел со Осогово.
Токму „жетварите“ од Кочани се на 13-тото место или во безбедната зона за директен опстанок со 27 бодови колку што има и Тетекс. Во последното коло Осогово на домашен терен ќе игра против веќе новиот прволигаш Пелистер.
Победа е на 12-тото место со 28 бодови на своето конто, а во последното коло ќе игра против шампионот Беса кој за првпат ќе игра во Првата лига. Прилепчани лани играа во Првата лига, а оваа година мака мачат да ја спасат сезоната и да останат во Втората лига. За таа цел, прилепчани против Беса ќе бараат бодови. Според моменталната ситуација Победа и со бод може директно да остане, а може и да игра бараж за опстанок, во зависност како ќе одиграат останатите екипи.
Саса и Тетекс имаат полесни противници, во однос на Осогово и Победа кои играат против квалитетни екипи.
Многу математики и комбинации се можни во оваа 30-то последно коло, секоја екипа може директно да обезбеди опстанок, секоја може да игра бараж, но и секоја може директно да испадне.
Во недела со почеток од 17 часот, ќе се решава која ќе биде втората екипа која заедно со веќе отпаднатиот Караорман од Струга ќе игра во Трета лига, која екипа ќе игра бараж за опстанок, а кој две екипи ќе имаат среќа и ќе обезбедат директен опстанок.,
Александар Ванев, М-Нет