Мицкоски направи 4 милијарди евра нов долг за две години, тоа е должничко ропство за идните генерации, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на завршниот митинг во Брвеница. Тој предупреди дека последиците од ваквото задолжување ќе ги чувствуваат и идните генерации, додека граѓаните не гледаат подобар животен стандард. Филипче посочи дека покрај новиот долг, сериозен проблем се и продлабочениот дефицит во централниот буџетот и во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
„Дупката во буџетот е огромна, недостасуваат 900 милиони евра. Дупката во Фондот за пензиско осигурување, уште поголема, 1 милијарда евра недостасуваат. За само две години, Мицкоски и неговата влада ја задолжија државата со нови 4 милијарди евра долг. Половина од вкупниот долг на нашата земја од независноста до сега. 12 милијарди евра – должничко ропство за следните генерации“, рече Филипче.
Филипче нагласи дека од ваквите милионски задолжувања граѓаните не добија ниту подобар животен стандард ниту повисоки плати, иако тоа ветуваше Мицкоски пред изборите. Наместо подобар живот, луѓето сè потешко живеат и ги покриваат основните трошоци, а земјоделците се оставени без сигурен откуп и соочени со сериозна економска криза.

„Мицкоски и неговата банда не исполнија ама ниту едно нивно ветување. Сѐ што ветија, се излажаа. Ветуваа подобар животен стандард, ветуваа повисоки плати, ветуваа сигурен откуп за земјоделците. А луѓето денеска живеат многу потешко и полошо, едноставно едвај врзуваат крај со крај“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ потенцираше распределбата на јавните средства, оди само за криминалнаи партиски тендери, провизии и пропаганда, за тоа власта има пари, додека за работниците, земјоделците, пензионерите и младите нема пари.
„Погледнете каде одат парите, само во криминални партиски тендери. И овој нов ребаланс ја покажа таа сурова вистина. За нивните тендери, провизии и пропаганда пари има. За земјоделците, работниците, пензионерите и младите пари едноставно нема“, рече Филипче.

Тој потсети дека СДСМ во Собранието три пати бараше минимална плата од 600 евра, власта одби да ја покачи, исто како што го одби и предлогот на СДСМ за финансиска поддршка за земјоделците.
„Во Собранието побаравме минимална плата од 600 евра. По трет пат. По трет пат одбија. Побаравме финансиска поддршка за земјоделците кои се оставени на цедило. Без откуп и без цени. И тоа го одбија“, рече Филипче.
Текстот (Видео) Филипче: Мицкоски направи 4 милијарди евра нов долг за две години – должничко ропство за идните генерации е превземен од МАКФАКС.