Филипче: Историските спорови со Бугарија не се дел од европските услови, туку билатерални прашања

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, оцени дека неодамнешните изјави на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова претставуваат потврда на ставовите што СДСМ ги застапува подолг период.

Во објава на социјалната мрежа Икс, Филипче посочи дека историските спорови со Бугарија и работата на Историската комисија не се дел од условите за продолжување на преговорите со Европската Унија, туку претставуваат билатерално прашање меѓу двете држави.

Тој се повика на изјавата на Сиљановска-Давкова дека Македонија треба да се европеизира преку реформи и владеење на правото, а не преку расправи за историјата и идентитетот, како и дека земјата треба да биде оценувана според Копенхашките критериуми.

Филипче нагласи дека реформите и исполнувањето на европските критериуми се клучни за напредокот кон членство во ЕУ и порача дека тие не претставуваат закана за македонскиот јазик, култура и национален идентитет.

Во објавата тој упати критики и кон премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го за, како што наведе, поделби, изолација на државата и запирање на евроинтегративниот процес. Филипче ја заврши пораката со повик за реформи и побрзо придвижување кон Европската Унија.

Текстот Филипче: Историските спорови со Бугарија не се дел од европските услови, туку билатерални прашања е превземен од МАКФАКС.