Фати Вејсели триумфираше на 49. „Македонски бисер“, Реџеп Хајдари најдобар домашен борач, Георги Иванов најдобар странски борач!

Во спортската сала на СОУ „Зефљуш Марку“ во скопски Чаир се одржа 49. издание на традиционалниот меѓународен боречки турнир „Македонски бисер“. Турнирот донесе борби со висок квалитет, полна сала и вистинска спортска атмосфера.

49-тото по ред издание на престижниот меѓународен турнир во борење „Македонски бисер“ привлече учесници од пет држави односно од Македонија, Бугарија, Албанија, Косово и Грција.

Најголемата слава ја понесе Фати Вејсели, кој со доминантни настапи го освои трофејот на турнирот, победувајќи во финалето во категоријата до 74 килограми. Покрај трофејот, Вејсели остави силен впечаток со неговата техничка подготвеност и борбен дух.

За најдобар домашен борач беше прогласен Реџеп Хајдари, кој славеше во категоријата до 92 килограми.

Титулата за најдобар странски борач му припадна на Георги Иванов од Бугарија – актуелен европски шампион до 23 години, кој доминираше во тешката категорија до 125 килограми.

Во категоријата до 57 кг, првото место го освои Тањо Танев од Бугарија, а во категоријата до 61 кг победи неговиот сонародник Стилија Илиев. Кај средните категории, се издвои Аик Казаријан од Грција во 65 кг, додека во 70 кг триумфираше Наим Микјај од Бугарија.

Во категоријата до 79 кг, златото му припадна на македонскиот претставник Расул Шапиев, а Радомир Стокунов од Бугарија победи во 86 кг.

Во најтешките категории, до 97 килограми победи Мерт Славов, а како што веќе споменавме, категоријата до 125 кг заврши со доминација на Георги Иванов.

Атмосферата во салата беше на врвно ниво – полни трибини, голема поддршка од публиката и врвна организација, што уште еднаш го потврдува значењето на „Македонски бисер“ како еден од најважните боречки турнири во регионот.

Со ова издание, турнирот уште еднаш ја исполни својата мисија – промоција на борењето и афирмација на младите спортски таленти од земјата и регионот. Следната година, се очекува уште поголемо и помасовно издание.