УЈП испрати над 860.000 даночни пријави до граѓани, до 31 мај да се потврдат или коригираат

Над 860 илјади граѓани добија однапред пополнети годишни даночни пријави за 2025 година, соопшти Управата за јавни приходи. Вкупно се изготвени 862.896 пријави врз основа на евидентираните приходи на физичките лица. Граѓаните имаат обврска најдоцна до 31 мај 2026 година да ги проверат податоците и да ги потврдат или коригираат преку системот „е-Даночни услуги“. Доколку тоа не го сторат во предвидениот рок, пријавите автоматски ќе се сметаат за конечни. Од УЈП информираат дека коригираните пријави ќе подлежат на дополнителна проверка од службено лице.

„Управата за јавни приходи ги информира даночните обврзници дека во законскиот рок 30 април 2026 година, заврши со генерирање на Годишните даночни пријави (ДЛД-ГДП) за остварен доход во 2025 година, пришто изгенерирани се вкупно 862.896 даночни пријави. Сите граѓани ќе добијат и лична порака на својот профил на „МојДДВ” или на е-пошта регистрирана во УЈП.“; информираат од управата

Во оваа насока, од управата ги повикуваат сите граѓани, најдоцна до 31.05.2026 година, да направат увид на нивните кориснички профили на системот „е-Даночни услуги“. Управата за јавни приходи апелира до граѓаните кои оствариле доход во земјава или странство во вид на пари, хартии од вредност, натура или друг вид на доход и сè уште не се регистрирани на системот „е-Даночни услуги“, за да може да изврши увид во својата Данок на Личен Доход-Годишно Даночна Пријава, во најкраток можен рок потребно е да се регистрираат на системот„е-Даночни услуги.

Иван Митев, М-Нет