Уште седум кола до крајот на есенскиот дел во Втора лига – секој бод важен!

На пола сме од есенската полусезона во Втората лига одиграни осум кола, а остануваат уште седум рунди за комплетирање на првиот дел.

Од тоа што досега се одигра во второлигашкото друштво дефинитивно најголемо изненадување но во негативна смисла е Слога Виница која е на самото дно од табелата со само три бодови, позитивно секако е Шкендија Арачиново која е на врвот од табелата со штипска Брегалница, но одличен резултат направи и Осогово, но и Новаци екипи кои се во средишниот дел од табелата.

Тренерот на Шкендија Арачиново, Љупчо Марковски – Калц по победата во Струмица над Беласица, тогаш во изјава за М Нет телевизија истакна дека многумина не би верувале пред почетокот на првенството дека Шкендија Арачиново ќе биде прва по седум кола, а неговиот тим и по осум кола е на делба на врвот со Брегалница и ја продолжува одличната форма.

Победа ја продолжува тешката борба за опстанок во второлигашкиот шампионат, како и минатата сезона, додека пак Брегалница и Шкендија Арачиново остануваат без пораз и по осум кола. Досега се случи една тренерска промена откако Александар Стојанов си поднесе оставка по двата последователни порази, па така Беласица е прва која промени тренер откако клубот го назначи Панче Стојанов за нов тренер.

Слога Виница до крајот ќе се соочи со Кожуф, Вардар Неготино, Брегалница, Новаци, Каменица Саса, Преспа и Охрид. На овие седум натпревари тимот од Виница која го води штипскиот тренер Емил Грнев ќе мора да собере што е можно повеќе бодови со цел да остане во реална трка за директен опстанок, бидејќи Слога има десет бодови негатива од осмото место кое води кон директен опстанок во Втората лига.

Во таква ситуација е и тимот на Големо Коњари и Преспа, со тоа што тимот од Виница има поголем квалитет во своите редови, а мерило ќе биде соочување на Преспа и Слога Виница во рамки на 14. коло.

Големо Коњари, Вардар Неготино, Преспа, Победа се екипи кои ќе мора да работат на подобрување на својата одбрана бидејќи се екипи со најмногу примени погодоци.

Битката за опстанок ќе ја водат Големо Коњари, Преспа, Слога Виница, Победа, Тетекс, Вардар Неготино кои се во потешка ситуација за директен опстанок, а екипите како Каменица Саса, Новаци, Осогово ќе одат кон тоа да завршат во топ осум за да имаат директен опстанок.

Во горниот дел од табелата и натаму остануваат водечките Брегалница и Шкендија Арачиново, како и Беласица која е трета и Охрид кој е четврти во трката за првото место, но и Скопје и Детонит Плачковица. Само првото место води директно кон Прва лига, а пак втората и третата позиција водат кон баражот за можен влез во Прва лига.

Дефинитивно секој бод од секој натпревар за секој екипа ќе биде повеќе од важен во борбата за секој тим да ја оствари својата цел, а ако се земе фактот кратењето на лигата, поголем дел ќе водат борба за директен опстанок, што ќе биде навистина тешко.

Александар Ванев, М-Нет