
Од доаѓање на работа со велосипед, до велосипедска тура низ општината. Вака Карбинци ги одбележаа Денот без автомобили и Неделата на мобилност. Учениците од ООУ „Страшо Пинџур“, дел од наставниците и помал дел од општинската администрација се вклучија во активноста возејќи велосипед. Настанот е со цел промовирање на здравите навики и пренесување на пораката за заштита на животната средина, како и почесто користење на велосипедот како превозно средство.
„На организација на училиштето, и ние како општинска администрација учествувавме во одбележувањето на Неделата не европска мобилност. Ова е сѐ со цел да ја подигнеме свеста кај жителите и сите учесници во сообраќајот да се користат повеќе велосипедите отколку автомобилите. Во период на една економска криза со којашто се соочуваме ова е навистина една позитивна работа и се надевам дека со ова ќе пренесеме порака повеќе учесници во сообраќајот да ги користат велосипедите. Ние денес дојдовме на работа со велосипеди, направивме една ваква симболична тура и се надевам дека ќе влијаеме позитивно“, истакна градоначалникот, Виктор Паунов.
Денешната активност започна во дворот на општинската зграда, каде учениците промовираа пораки за совесно и одговорно учество во сообраќајот, а потоа сите учесници се упатија на велосипедска тура до с. Таринци. Ова беше завршниот настан, а неделата на мобилност училиштето ја одбележа со низа активности за кои на учениците им беа доделени благодарници за учество.

„По повод Европската недела на мобилност нашето училиште активно се вклучи во низа активности коишто започнаа на 16. овој месец. Секој ден во подрачните училишта се организираа разни активности од страна на учениците и наставниците. Првата активност ни беше доаѓање на работно место со велосипед. Поголем дел од вработените активно зедоа учество во оваа активност. Понатаму следеа велосипедски маршути, велосипедски игри, возење на тротинети, ролери, којшто имаше. Учениците учествуваа во сето ова за да ја одбележиме оваа недела на мобилност. На крајот, последниот ден го завршуваме со велосипедска тура со цел да ги мотивираме сите жители на општина Карбинци да го користат велосипедот како превозно средство“, истакна Цветанка Алексовска, директорка на ООУ „Страшо Пинџур“ – Карбинци.
Овогодинешната Европска недела на мобилност се одбележува на тема „Подобри конекции“, а под мотото „Комбинирај и движи се“. Истата се одбележува во повеќе општини низ државата, а трае во периодот од 16 до 22 септември. Овогодинешната тема ја одразува потребата на жителите од Европа повторно да се поврзат едни со други, по неколкумесечна изолација, рестрикции и ограничувања, како резултат на светската пандемија.
Ребека Спасова М-Нет