Учениците со посебни потреби сѐ повеќе инклудирани во образованието, пристапни ли се училиштата?

Инклузијата во образованието е главен стожер на проектот „Биди ИН, биди инклузивен, биди инклудиран“. Меѓутоа, не може да се оцени пристапноста на училиштата оти за тоа нема истражувања. Единствено, информации може да се извлече од тоа што училиштата се главни места каде се врши изборниот процес, а од таму заклучокот е дека пристапноста не е на задоволително ниво. Сепак, и тоа се менува, вели Елена Мишиќ, тим-лидер на проектот.

„Таму доаѓаме до заклучок дека пристапноста не е на завидно ниво. Многу често училиштата се пристапни со една рампа до самиот влез, меѓутоа понатаму малку се интервенира. Мал е бројот на училиштата каде што се поставени лифтови или рампи за движење во самото училиште, каде што има пристапни тоалети за лица со отежнато движење. Иако и тоа се менува, сега новите законски измени предвидуваат да не може да се интервенира и финансира реконструкција на училишни згради без да се поведе соодветна мерка за инклузивноста во училиштата“, вели Елена Мишиќ, тим-лидер на проектот „Биди ИН, биди инклузивен, биди инклудиран“.

Во рамки на штипските училишта, основното училиште „Димитар Влахов“ од неодамна има сензорна соба која ги опслужува учениците со посебни образовни потреби. Со нив работат професионалци и им овозможуваат дефектолошки и логопедски третмани.

„И те како е корисна, опстојува над 20 ученика со различни потреби. Морам да се пофалам дека веќе почнуваме да ги гледаме првите резултати од сензорната соба. Се надевам дека ќе продолжи и во иднина и се надевам дека сите училишта ќе добијат едно такво катче каде што во интимна атмосфера ќе можат да им помогнат на учениците коишто имаат посебни потреби“, вели Невенка Величкова, директор на ООУ „Димитар Влахов“ – Штип.

Надвор од наставата овие ученици се сѐ поприфатени. Зоран Мијалков од Здружението „Сплотени срца“ вели дека инклузијата е постојан процес и на тоа сѐ уште треба да се работи, но ситуацијата оди во позитивна насока.

„Да, има различни искуства, меѓутоа позитивното е тоа што пополека се прифатени од децата, од соучениците. Тоа е важно, затоа што тие потоа ќе се развијат во возрасни луѓе коишто ќе ги прифатат и вон наставата, да бидат инклузирани. Веќе ги канат на родендени, се дружат со нашите деца, што порано не е било така“, вели Зоран Мијалков, претседател на Здружението „Сплотени срца“ – Штип.

Денешниот настан во рамки на проектот се реализираше во Општина Штип, од каде градоначалникот, Иван Јорданов, истакна дека Општината изразува поддршка, но главна цел и понатаму останува отворањето прв центар за рехабилитација на лица со попреченост.

„Даваме наша поддршка со наши вработени лица во Дневниот центар за аутизам, во Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост, во Малиот групен дом за деца без родители и родителска грижа, исто така го субвенционираме трошокот за комунални услуги на лицата“, истакна градоначалникот, Иван Јорданов.

Стожерот на проектот е доделување стипендии на ученици со попреченост вклучени во образовниот систем во почетните одделенија. Се врши обука за 55 училишта, а грантови се доделуваат на 43 училишта за подобрување на пристапноста и квалитетното стимулативно опкружување за учење.

Ребека Спасова М-Нет