Се сече едно од децениските дрва покрај река Отиња во Штип, од ЈП „Исар“ велат било оштетено

Се сече неколку децении старо дрво во центарот на Штип. Утринава екипа на ЈП „Исар“ сечеше едно од дрвата кое се наоѓа на тротоарската површина покрај река Отиња наспроти НУ Завод и Музеј – Штип. За причината, директорот на ЈП „Исар“, Трајан Коцев, вели дека е пријава од граѓани поради напукнување на дрвото.

„Вчеравечер е пријавено од граѓани дека во попладневните часови имало падната гранка од дрвото. По пријавата на граѓани, утринава е излезено на терен и утврдено е дека дрвото е напукнато и отцепен е дел. Од таа причина, повикани се служби и со цел да нема посериозни проблеми, како повреда на граѓани или оштетување на некои од возилата на паркинг-местата, дрвото е исечено.“ – истакна Коцев во телефонски разговор за М-Нет Телевизија.

Инаку, во овој дел од градот во моментов се спроведуваат градежни активности, поради што отстранет е бекатонот на тротоарската површина, како и заштитната ограда долж коритото на река Отиња.

Кога минатата година се реализираше изградбата на конзолите на река Отиња од другата страна на реката, децениските дрвата настрадаа при изведувањето на градежните активности, за потоа таму да се садат нови.

Ребека Спасова М-Нет