
Учениците од трето и шесто одделение ќе ги добијат учебниците најдоцна до крајот на септември, најави министерот Шаќири. Посочи дека во најголем дел учебниците во училиштата веќе се испечатени и однесени во училиштата. Остатокот учебници се во напредна фаза на подготовка, а додека да ги добијат, учениците ќе користат наставно-научни материјали.
„Учебниците за трето одделение се одобрени, постапката за печатење е во тек и доставување на учебниците. Истото ќе се случи и со учебниците за шесто одделение, зашто се во напредна фаза, во одлука за одобрување од Националната комисија, потоа ако има жалбена постапка од одредени автори. Но јас кажувам дека до крајот на септември и тие ќе бидат доставени до сите ученици“, вели Шаќири.
Премиерот Ковачевски, пак, посочи дека доцнењето на дел од учебниците не е поради лошата организација во однос на печатењето, туку поради тоа што не биле завршени од авторите. Ковачевски вели оти постапката е во повеќе фази и не можел министерот сам да напише учебник.
„Книгите веќе се доставуваат во сите одделенија во училиштата, меѓутоа има некои учебници за коишто дел од материјалите не се одобрени или дел не беа завршени од самите автори, дел не ја поминаа рецензијата, бидејќи не може министерот да седне да го напише учебникот и да го објави. Тоа го прави автор, рецензентска комисија и на крајот учебникот се дава во издавачкиот дел и се печати, така што во најголем дел учебниците веќе се испечатени, тие веќе се однесени во училиштата. Во најкраток можен рок она што не е довршено, како резултат на пишувањето, а не на организација на принтањето, ќе биде направено“, истакна Ковачевски.
Ковачевски додаде дека оваа година состојбата со учебниците е значително подобрена споредбено со минатите години, како во делот на издавањето, така и во делот на дистрибуција на книгите до учениците.
Ребека Спасова М-Нет