
Берово утринава се разбуди со снег кој паѓаше во текот на целата ноќ. На повисоките места снежната покривка е поголема, додека во градот не се задржа на улиците. Жителите на Берово стравуваат за овошните насади кои не се отпорни на студот. Агрономите се со став дека ниските температури ќе влијаат на понатамошниот развој на цутот на овошките кој засега е добар. Доколку овие тмператури продолжат, ќе биде потребна заштита на родните дрвца во цут, иако опасност од мрзнење на дрвцата засега нема. Температури кои може да го загрозат овагодишниот род на дрвцата се оние пониски од минус пет степени.
За среќа во наредниот период се навестуваат поволни температури со што се елиминира можноста од повторување на катастрофата од пред три години, кога во Пијанец, поради измрзнување на овошните насади, 650 овоштари пријавија штета од над милион денари.
Славица Величковска