Утре е голем и тежок празник – Свети Илија Пророкот

Св. Илија бил боговидец, чудотворец, ревнител за Божјата вера. Бил родум од племето Ароново, од градот Тесвит и затоа е наречен Тесвитјанин.

Кога се родил Илија, неговиот татко Савах видел ангели Божји околу детето како го повиваат во оган и му даваат да јаде пламен. Тоа било предзнак за неговиот пламенен карактер и за богодаруваната огнена сила во него. Ова видение таткото го раскажал на свештениците, а еден од нив му рекол да не се плаши зашто детето ќе биде под Божја заштита, зборот ќе му биде силен како оган, животот ќе му биде посветен на Господа и ќе суди со меч и со оган.

Името Илија значи крепост Господова.

Целата своја младост ја минал во богомислие и во молитва, повлекувајќи се често во пустината за во тишина да размислува и да се моли. Се смета дека пред крајот на светот, Илија повторно ќе се јави за да ја сотре силата на Антихристот.

Св. Илија, наречен и Громовникот, е еден од култните светци кај православните македонци, бидејќи православната црква го има поистоветено со Перун Громовникот од словенската митологија, кога вршела покрстување на Словените.

Култот кон Перун бил силно развиен кај македонските Словени, па така тие го замениле своето омилено божество со христијанскиот светец.

Прорекол многу настани и направил голем број чуда со силата Божја, што била во него. Пред крајот на неговиот земен живот за свој наследник го избрал пророкот Елисеј, а потоа се вознесел на небото во огнена кочија. Се јавил пак при Христовото преображение, а ќе се појави и пред второто Христово доаѓање.

Во чест на пророкот Илија светата Христијанска црква го востановила празникот што се празнува на 2 август, или според стариот календар на 20 јули.

За пророкот кој пали и гаси на небото и земјата има повеќе народни верувања. Најприфатено и почитувано е да не се работи на тој ден од страв да не бијат громови по полето, луѓето и стоката.

Според Ефтим Спространов, меѓу останатите записи на обичаи во Охрид запишал и верување дека – „ ако грми на Св. Илија, оревите ќе бидат шупливи. Во проле и во лето кога има грмежи Свети Илија се шета по небото со златна кола и ја бара ламјата да ја убие. Таа оди да ги пасе житата, а тој штом ќе ја забележи, фрла по неа со огнени стрели “.

Марко Цепенков во своите записи поописно објаснува како Свети Илија се справувал со ламјата – „ во летно време кога да бијет ровја, Св.Илија трчал со кочија по облаци, за да ја втаса ламјата и штотуку да ја втасал ќе врлел со еден камен морски и одошто силно ќе удрел со камчето, оган силен излегувало и кај ќе удрело ќе распилело и ќе убиело. Ламјата од страв кај ќе и се вдаит, таму ќе се скриет, за да не ја убиет. Тешко му кај ќе се скриет “.

Во народното верување свети Илија се смета за клучар кој го отклучува или заклучува небото и го пушта или запира дождот, бидејќи се верува дека тој повела со летните грмотевици.

Именден празнуваат: Илија, Илко, Илинка, Илинденка, Илина, Иљо, Илчо, а празнуваат и занаетчиите и тоа кожуварите, самарџиите и ѓерамидџиите. ( Извадок од книгата „Македонски народни празници и обичаи“ – Марко Китевски )

БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет.мк