
Утре во спортската сала „Јордан Мијалков“ во Штип ќе се одигра големото дерби на двата директни конуренти за Прва лига, кошаркарите на Соколи во директен дуел со Маџари.
Ова е меч од капитална важност и на двете екипи, меч каде и двете екипи атакуваат на триумф, а штипскиот тим бара поддршка од трибините од навивачите и штипската јавност за да дојде до посакуваната цел – победа во дербито со Маџари.
„Во сабота имаме тежок натпревар со екипата на Маџари од Скопје. Првиот натпревар го добивме таму убедливо, но сега се засилени со доста прволигашки засилувања и нема да ни биде лесно, бидејќи секој натпревар е поразличен. Но, секако ние како и на секој натпревар се подготвуваме добро, мислам дека со помош на публиката, полна сала, нашата игра да ја прикажеме во добро светло, мислам дека нема да имаме проблем да дојдеме до победа“, изјави Караколев за М Нет телевизија.
Натпреварот меѓу Соколи и Маџари се игра во спортската сала „Јордан Мијалков“ во Штип со почеток од 18 часот.
Во рамки на 16. коло од Втората кошаркарска лига Црн Дрим ќе игра против Бутел, Струмица против фаворитот Ангели, Водно Санс ќе биде домаќин на Борец, Работнички 2018 со Мега Баскет, а вториот тим на МЗТ Скопје со ланскиот прволигаш Охрид.
Александар Ванев, М-Нет