Управител од Кочани давал лажни податоци за приходи на фирмата и затаил 1.3 милиони денари данок

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани поднесе кривична пријава против Т.Ј.(49) од Кочани и правно лице од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено продолжено кривично дело „даночно затајување“. Првопријавениот, управител во правното лице, во периодот од 2019 до 2022 година давал лажни податоци за приходите на правното лице поради што дошло до намалување на даночните обврски за секоја година, воедно не извршил книговодствено евидентирање на готовинските фактури од добавувачот, не пресметал и не искажал обврска за плаќање даноци на што бил обврзан согласно Законот за додадена вредност, за личен доход и за данок на добивка. Со овие дејствија, пријавените затаиле даноци во вкупен износ од 1.326.140 денари и за тој износ го оштетиле Буџетот на Република Северна Македонија.