Улицата „8 Април“ во штипската населба Света Недела ќе добие нова водоводна мрежа и нов асфалт

Денеска започна реконструкцијата на водоводната линија во штипската населба Света Недела, на улицата „8 Април“. Увидот на почетокот на градежните работи го направија градоначалникот, Иван Јорданов, и директорот на ЈП „Исар“, Кирил Зајков, кој посочи дека сите човечки и материјални ресурси се фокусирани кон тоа работите да завршат за најмногу три недели.

„Од денеска започнуваме со реконструкција на водоводната линија, која е во должина од 193 метри. Денеска започнуваме со ископ, се надеваме дека во следните три недели комплетно ќе биде завршена замената на главната водоводна линија и во оваа прилика им се извинуваме и ги замолуваме сите жители кои живеат на оваа улица да бидат потрпеливи, бидејќи работиме на тешко пристапен терен и сите наши ресурси ќе бидат фокусирани за побрзо реализирање на овој проект“, вели Зајков.

По поставувањето нова водоводна мрежа, улицата ќе добие и нов асфалт. Градоначалникот Јорданов посочи дека активностите се на барање на жителите, а улицата е оштетена од честите дефекти со водоводната мрежа и недостатокот на притисок.

„По завршување на изведба на главната водоводна линија заедно со приклучоците, ќе се пристапи кон целосна реконструкција, односно асфалтирање во населба Света Недела. Како и досега, така и отсега, во наредниот период, сите улици коишто ги реконструираме, онаму каде што има потреба од промена на подземната инфраструктура, вршиме промена, а потоа асфалтираме. Се надевам дека вака етапно од населба во населба ќе ги намалиме старите и дотраени водоводни линии коишто со години наназад не биле променети“, истакна Јорданов.

Освен ова, за населбата Света Недела е планирано и детско катче, а содржините дополнително ќе се збогатуваат.

„За оваа населба не завршуваме овде, планирано е и детско катче коешто ќе биде на влезот од населбата, којашто, морам да напоменам, има потреба и од други содржини, но етапно во рамки на нашите можности се трудиме да реализираме проекти во сите населби од нашиот град“, додаде Јорданов.

Средствата за промена на водоводната мрежа се во висина од 1,2 милиони денари, а за асфалтирање ќе се искористат околу 2.000.000 денари.

Ребека Спасова М-Нет