
По Штип и Скопје, конго-кримската хеморагична треска и во Велес, дијагностициран трет случај на болеста. Станува збор за 42-годишен велешанец, кој не се сеќава дали бил каснат од крлеж, но има рана која наведува на тоа. Случајот на велешанецот не е поврзан со двете пациентки, првата, 27-годишната жена од штипско, која почина на 30 јули, и втората, болничарката вработена на скопската Инфективна клиника, која се зарази од неа, а директорката на клиниката вели дека, најверојатно, се заразил кога бил на рибарење. Тој пет дена се жалел на покачена темпертура, главоболка, мускулни болки и побарал лекарска помош.
„Човекот доаѓа од велешката околина, можниот начин на зараза е рибарењето покрај еден дел на Вардар, каде што има доста влага, непроодна трева, високи трња и тоа една од опциите каде би можел да биде заразен. Епидемиолозите, како и ветеринарната служба, АХВ, Факултетот се вклучени во ова наше епидемиолошко-дијагостичко следење на конго-кримска во Македонија и се на терен во смисол на заловување на инсекти и нивно испитување понатаму“, вели Стевановиќ.
Конго-кримската треска, рече Стевановиќ, ја пренесува крлеж, но може и да се пренесе преку несоодветно третирано млеко или месо од заразени животни, и најчесто се јавува кај сточари, риболовци, ловџии и здравствени работници. Директорката упати апел до овие категории граѓани да преземат соодветни превентивни мерки за да се заштитат од евентуална зараза.
„Со обѕир на тоа дека е топло и луѓето се во природа, а сепак станува збор за сосема различна локација на појава на инфекција од претходната, треба да бидат предострожни. Зборувам за рибари, кои треба да носат високи чизми, светла облека, тука се и ловџиите, оние кои планинарат да носат високи чизми, висококачени чорапи. Здравствените работници никако, ама, навистина, никако да не го забораваат основниот редовен протокол за заштита при работа“, додава Стевановиќ.
Во меѓувреме, болничарката е стабилна, а опоравувањето е во тек. Таа беше лекувана со антивируасниот лек „рибавирин“, кој го набавија здравствените власти, а во случајот на велешанецот, кој исто така е во стабилна состојба, ќе се следи кога и дали ќе има потреба од лекот. Вирусот се пренесува на човек пред сè од крлежи на домашни животни. Преносот од човек на човек може да се случи како резултат на близок контакт со крв, излачевини, органи или други телесни течности на заболените лица.
Ребека Спасова М-Нет