Улицата во населба Сењак 4 ќе се санира напролет, дотогаш ќе се постават и потпорни ѕидови

Напролет ќе се санира ризичната ул. „Ванчо Китанов“ во населбата Сењак 4, а до тогаш се очекува да бидат поставени потпорните ѕидови. Ова денеска го соопшти Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, по направениот увид. Според него, жителите овде живеат во ризик поради проблемите кои се актуелни веќе цела година.

„Наша обврска е да ги решаваме проблемите, затоа сме денеска овде. Она коешто можам да го забележам е дека заради несоодветно градежно одобрение, коешто е издадено во минатото од страна на Општина Штип, во коешто не се предвидени соодветни потпорни ѕидови, а поради кое дошло до разрушување на патот и до создавање проблеми на овдешните жители. Овој проблем се провлекува веќе цела година и заради неодговорноста на локалната власт, овие жители се доведени во ризик“, рече Јорданов.

Во насока на промена на тамошната ситуација, истакна дека веќе го подготвуваат проектот, кој би бил клучно решение, а во кој приоритет ќе биде да се спречи свлекување на земјата.

„Веќе работиме на изготвување проект за поставување потпорен ѕид со којшто би се спречил ризикот од понатамошни свлечишта, а веднаш потоа и да пристапиме кон проект за санација и реконструкција на свлечената улица. Затоа во оваа прилика ги замолувам граѓаните од овој дел на градот за трпение, затоа што овоа е настанат проблем којшто ние го наследуваме. Се надевам дека со зголемување на функционалноста на институциите под локална самоуправа, ќе најдеме сооодветно решение за реконструкција на овој патен правец и изградба на потпорен ѕид“, додаде Јорданов.

Во однос на финансиските средства кои Општината ќе треба да ги издвои од буџетот, Градоначалникот додаде дека сумата сè уште не е одредена. Во моментов се работи за изготвување на основен проект, за кој дополнително ќе треба да се направат проценките и да се спроведе и јавна набавка.

Ребека Спасова МНет