Општина Карбинци – задолжена, проектите – неплатени, долгот за електрична енергија – огромен

ЈП „Плачковица“ во Карбинци – задолжено, Општината со долг и кон градежните компании. Финансиската состојба не е стабилна, истакна Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов, кој општинскиот буџет го наследил со 17 милиони денари, а само долгот за електрична енергија е нешто повеќе од 15 милиони денари.

„Денес ги добив извештаите од состојбите во финансискиот извештај во општинската администрација, поточно во буџетот на Општина Карбинци и извештајот од ЈП „Плачковица“. Она со што сакам да ја запознаам јавноста е дека ЈП „Плачковица“ должи речиси 20 милиони денари или поточно 19.634.000 денари. Најголемиот долг е врз ставката на потрошена електрична енергија, речиси 15.500.000 денари“, информираше Градоначалникот.

Паунов потенцираше дека во изминатиов период не се работело домаќински, ниту се штедело, бидејќи извештаите покажуваат дека на Општината ѝ се закануваат блокади од компаниите на којшто им должи.

„Обврските којшто ги добив до овој момент се за незавршени работи кои што се во тек, поголеми проекти и нивниот долг е приближно како истата сума којашто ја добивме како салдо на општинската сметка. Да бидам попрецизен, речиси 16.500.000 денари Општина Карбинци должи на градежните активности коишто ги наследивме. Да сумирам накратко, сè што го наследив како проект, во најголем дел или 90% се неплатени обврски на Општина Карбинци кон вршителите на градежни активности“, додаде Паунов.

Градоначалникот се надева дека во идниот период ќе направат сѐ што е во нивна можност. Ќе се преземат мерки со кои ваквите долгови нема да ги засегнат граѓаните на Карбинци, односно нема да дојде до исклучување на водоснабдувањето до нивните домови.

Ребека Спасова МНет