
Редовно туширање со млака или посвежа вода, редовен контакт со најблиските и избегнување на користење шпорет и рерна во најтоплиот дел од денот, се дел од препораките на Институтот за јавно здравје за лицата над 65 години за полесно справување со високите температури. Во периодот од 13 до 17 часот, од ИЈЗ советуваат да не се користат уреди кои дополнително го загреваат домот. Просториите треба да се заштитат од директна сончева светлина со ролетни или завеси, а проветрувањето да се прави во периодите кога надворешната температура е пониска. За разладување на телото се препорачува туширање со млака или посвежа вода, користење влажни крпи и престој во најладниот дел од домот или во климатизирана просторија, доколку е достапна.
Особено внимание, велат од ИЈЗ, треба да им се посвети на повозрасните кои живеат сами. Редовниот контакт со семејството, пријателите или соседите овозможува навреме да се забележи доколку дојде до промена во здравствената состојба и, доколку е потребно, да се обезбеди помош.
„Одржувајте пријатна температура во домот и избегнувајте негово дополнително загревање. Во текот на денот користете ролетни, завеси или други начини за заштита од директна сончева светлина, а просториите проветрувајте кога надворешната температура е пониска. Избегнувајте користење шпорет, рерна и други уреди што дополнително го загреваат домот во периодот од 13 до 17 часот.
Разладувајте го телото. Туширајте се со млака или посвежа вода, користете влажни крпи и престојувајте во најладниот дел од домот или во климатизирана просторија, доколку е достапна. Одржувајте редовен контакт со членовите на семејството, пријателите и соседите. Доколку живеете сами, особено е важно во периоди на високи температури да одржувате редовна комуникација со блиските лица, со цел навремено препознавање на евентуални промени во здравствената состојба и обезбедување помош доколку е потребно.“, велат од ИЈЗ
Посебно внимание треба да посветат лицата со хронични заболувања. Од ИЈЗ потсетуваат редовно да ја земаат пропишаната терапија и да не ја менуваат или прекинуваат без консултација со лекар. При секое влошување или промена на здравствената состојба, потребно е навреме да се побара лекарски совет.
Иван Митев, М-Нет