
Ракометниот клуб Радовиш со официјално соопштение ја извести јавноста дека досегашниот тренер Спасе Георгиев и капитенот Здравко Постолов повеќе не се дел од тимот. Одлуката, како што наведуваат од клубот, е донесена поради нивната вклученост во формирање на нов ракометен колектив во градот.
Од Радовиш потенцираат дека начинот на кој е реализирана оваа иницијатива го оценуваат како неетички, нефер и спротивен на основните принципи на спортот. Според клубот, ваквото дејствување директно му наштетило на угледот и интегритетот на тимот, кој со години вложувал во нивниот развој и градење како професионалци.
„Како клуб со традиција и значајна улога во Супер лигата, нема да толерираме постапки што го нарушуваат нашиот кредибилитет и вредносен систем“, се наведува во реакцијата на клубот.
Од раководството најавуваат дека и во иднина ќе продолжат да функционираат принципиелно, со фокус на заштита на сопствените интереси и зачувување на угледот, оставајќи простор за нови решенија во стручниот штаб и играчкиот кадар.