Тројца починати ковид пациенти во штипската болница, слободни кревети се помалку

Повторно висока бројка на хоспитализирани ковид пациенти во штипската болница. Врвот зачинет со тројца починати лица поради компликации од корона вирусот. Според информации од извештајот од болницата, во последните 24 часа новопримени се шест пациенти, а испишани пет. Со ова бројката на хоспитализирани е 62 од кои 55 на Инфективното одделение и седум на Кожното. Од хоспитализираните 46 се на кислородна поддршка, а вакцинирани се 17 лица. Во последното деноноќие три лица починале, едно од Пробиштип на 66 годишна возраст, едно од Берово на 63 годишна возрас и едно 73 години од село Тодоровца. Слободни се осум ковид кревети, пет на Инфективното одделение и три на Кожното, информираше портпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска.

Во кочанската болница хоспитализирани се 14 ковид пациенти на Интерното одделение кое работи како ковид оддел. Вакцинирани се осум пациенти, а на кислородна поддршка се три. Во последните 24 часа новопримени се три лица, а нема испишано ниту едно. Слободни се 13 кревети, информираат од кочанската болница.

Во општините од Истокот моментално активни се 832 ковид случаи, најмногу во Штип 252 и во Кочани 243. Троцифрена е бројката и во Делчево односно има активни 109 случаи. Бројката во останатите општини од Истокот е двоцифрена вклучувајќи го и Пехчево кое до пред два дена во континуитет имаше едноцифрена бројка активни ковид случаи.

Според информации од Министерствтот за здравство заклучно со вчера во земјата се направени вкупно 1.428.941 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 209.277, бројот на оздравени пациенти е 193.400, на починати е 7.328, а бројот на активни случаи изнесува 8.549.

Лаура Стојанова М-Нет