
Три локации на територија на општина Карбинци ќе добијат нови спортски игралишта. Првиот спортски терен на кој почна да се работи денеска се наоѓа во село Крупиште и е во склоп на ПУ „Страшо Пинџур“ во селото. Според градоначалникот Паунов, со ова се продолжува градежната офанзива, која започна оваа пролет.
„Овде, во Крупиште, жителите за првпат ќе добијат едно спортско игралиште каде што ќе може да се рекреира не само во склоп на училишните активности, туку и надвор од тоа и во вечерните часови“, истакна Паунов.
Освен во Крупиште, спортско игралиште ќе има и во село Карбинци, веднаш до постоечкиот зелен стадион, а асфалтна површина ќе добие с. Кучица. Како што додаде Паунов, бидејќи станува збор за планински предел, асфалтната површина ќе служи за рекреација, но и за одвивање на некои традиционални свечености и обичаи на тамошните жители.
„Од останатите две спортски игралишта, едното ќе биде во селото Карбинци, каде што е постоечко игралиште, меѓутоа му треба една детална реконструкција, една целосна обнова, со што ќе го добиеме оној спортски комплекс во Карбинци покрај постоечкиот зелен стадион. Третата локација е во плачковичкиот регион, во с. Кучица, каде што ќе направиме една асфалтна површина, којашто ќе биде повеќенаменска на барање на жителите, со цел да рекреираат, но и да ја користат за други потреби на самото население“, додава Паунов.
Првиот мал спортски терен во склоп на училишниот двор во с. Крупиште е инвестиција вредна 3.000.000 денари, средства коишто се обезбедени од буџетот на Општина Карбинци. Трите проекта би требало да ги подобрат спортските можности во населените места и како што потенцираше Паунов, да бидат од корист за жителите.
Ребека Спасова М-Нет