Пензионирањето на великанот на штипскиот ракомет, Павле Тодоров, одбележано со свеченост

На најдобар начин, преку пригодна свеченост, беше одбележано пензионирањето на великанот на штипскиот ракомет – Павле Тодоров. По свеченоста, во спортската сала на ООУ „Тошо Арсов“ се одржа натпревар помеѓу ракометните клубови Текстилец и Борец, а на свеченоста за Тодоров имаше само пофални зборови.

„За Павле Тодоров има многу да се зборува, многу да се кажува. Тој е скромен човек, ненаметлив, работеше со огромен ентузијазам, со огромна желба. Јас честопати велам дека ако во оваа сала се правеше попис секоја година, очигледно, и тој ќе требаше да биде внесен во пописната листа, бидејќи не излегуваше од салата“,

Тодоров во ракометот има 17 години играчка кариера и 30 години тренерска кариера. Во пензионерските денови заминува со низа признанија и успеси, а за себе смета дека може да биде надминат од добри спортисти кои ги има во секоја генерација, а на кои им треба работа и малку спортска среќа.

„Има повеќе признанија. Прво, како играч бев избран во десетте спортисти на град Штип. Во 1980 година бев рангиран на трето место. Играчката кариера ми траеше 17 години, од најнисок ранг на натпреварување до македонска лига и играње финале на Куп на Македонија со Тутунски комбинат во Богданци. Како тренерска кариера, најголем успех е што влеговме во Супер лигата и во младинска категорија бевме двапати кадетски прваци на Македонија, младински прваци, пионерски прваци. Во младите категории сум освоил сѐ што може“,

Тодоров останува во публиката верен на ракометот, но вели дека и во иднина може да помогне на раководниот тим на РК Текстилец, кој во моментов го водат Мики Атанасов и Донче Тодоров. Неговите соработници се согласни дека ако се земе Тодоров како пример, генерациите би можеле да научат како се работи со жар и со ентузијазам.

Ребека Спасова М-Нет