
Увозната инфлација во државата граѓаните допрва ќе ја почувствуваат на свој грб, вели економистот Глигор Ивановски. Покачувањето на цените на основните продукти за живот, влијаат врз џебот на граѓаните, но ова е состојба која не може да се избегне, бидејќи е настаната заради случувањата надвор од државата.
„Тука нашето стопанство, па и институциите се немоќни, не може да влијаат на намалување на таа инфлација. Може да се влијае на пролонгирање на негативните ефекти од таа инфлација, но еден ден, пак, дојде време да се платат сметките, бидејќи Владата ќе се откаже од некои давачки, односно за неа приходи. Ќе ја намали стапката на ДДВ, ќе ги намали маржите на трговците, но тоа предизвикува други проблеми, како на пример криење на стоки, немање доволно стоки во продавниците и така натаму. Тоа може да се пролонгира, но не може да се заштитиме од таа увозна инфлација“, вели Ивановски.
Основните производи за живот мора да се купат и покрај тоа што нивната цена е покачена, идентична е ситуацијата и со нафтените деривати и струјата. Според Ивановски, сѐ она што не е присутно во државата ќе го има, но по многу повисоки цени.
„Оние трајни потрошни добра, како телевизори и перални, тие се веќе во втор план. Тие ќе ги купуваме кога ќе имаме доволно заштедени сопствени средства. Меѓутоа, за основните прехранбени производи мора секојдневно да издвојуваме пари и најмногу се гледа покачувањето на цените. Ќе има недостиг од тие производи, што значи и нивно задолжително покачување. Нешто што го нема на пазарот, секако, ќе се продава по повисока цена. Штом ќе се види дека нешто се бара во поголема количина, ќе влијаат или со намалување на количините или со зголемување на цените“, додава Ивановски.
Инфлацијата е пожелна во одредени случаи, односно кога е во контролирани рамки од 1 до 2% на годишно ниво. Но сегашната состојба во државата зборува за инфлација која е поголема и чии негативни влијанија во иднина обичниот народ дополнително ќе ги чувствува.
Лаура Стојанова М-Нет