Трите бодови останаа во Делчево, убедлива победа за Овче Поле, триумф за Турново

Започна пролетната полусезона во Третата македонска фудбалска лига – Исток со мечевите од 12. коло, но овој регион остана со девет екипи по откажувањето на Светлост од Зрновци и на Рудар од Пробиштип. Дури три екипи беа слободни во првото пролетно коло, односно Малеш кој требаше да игра со Рудар и Карбинци кој требаше да игра со Светлост, а пак екипата на Победа Валандово беше слободна во првото пролетно коло поради непарниот број на екипи со кој започна сезоната.

Овче Поле имаше највисока победа откако во Струмица со 0:3 ја доби екипата на Тиверија и со тоа продолжува да го следи непоразениот лидер Победа од Валандово, а притоа тимот од Свети Николе го искористи поразот на Ударник во Делчево, каде екипата од Пирава загуби со минимални 1:0 од Брегалница.

Поранешниот прволигаш Хоризонт Турново со 2:0 славеше над Дојранско Езеро, во меч каде домаќинот ја оправда фаворитската улога со погодоци кои беа на 15-тина минути пред крајот на мечот, кога беше скршен отпорот на гостинот.

Победа Валандово останува на врвот со 28 бодови, сега Овче Поле е втор со 25 бодови, колку што има и Ударник кој се спушти на третото место. Хоризонт Турново е четврти со 22 бодови на своето конто и борбата за челната позиција која води кон баражот за Втора лига ќе се води меѓу овие екипи.

Александар Ванев, М-Нет