
Саботното 23. коло на Втората македонска фудбалска лига носи две исклучително важни средби, на кои екипите сакаат три бодови за прогрес на самата табела.
Таков ќе биде мечот во Радовиш каде трите бодови ќе мораат да останат на домашен терен. Детонит Плачковица ќе игра против Кожуф во неизвесен дуел на двајца штипски тренери Горан Здравков против Иван Варадиновски.
Ова ќе биде клучен дуел за тимот од Гевгелија кој ќе мора да триумфира ако сака да фати последен приклучок за директен опстанок. Ова ќе биде враќање на Варадиновски на теренот каде работеше неколку сезони.
Двете екипи по серијата порази се рехабилитираа и се вратија на победничките патеки откако во претходното коло славеа против најслабите екипи во шампионатот. Детонит Плачковица го доби тимот на Победа во Прилеп, а пак Кожуф славеше дома против Големо Коњари.
Радовишани имаат 38 бодови за осма позиција на табелата, а пак тимот од Гевгелија е место подолу во бараж зонана со 32 бодови. Триумф за Детонит Плачковица ќе значи веќе и решени дилеми за директен опстанок, а триумф за Кожуф ќе значи 35 бодови и само три помалку од радовишани, а со тоа и зголемена неизвесност до крајот од сезоната.
Од тука притисок за трите бодови ќе имаат и едните и другите.
Меч за прогрес на табелата ќе има и во Струмица каде ќе играат Беласица и Осогово, а победата е императив за прогрес на самата табела.
Осогово кој веќе ја доби Беласица на првото соочување оваа сезона со триумф ќе ја помина Беласица и ќе биде петти со бод повеќе од струмичани. Од друга страна три бодови за Беласица ќе значи сигурно петто место и можност да се напаѓа некоја од позициите за баражот. Со пораз покрај што Беласица ќе го загуби и петтото место ќе остане и без можност за да ја напаѓа топ три зоната.
Александар Ванев, М-Нет