Трговец со тутун имал најголема месечна бруто плата во 2022, кочанчанец меѓу двајцата со најголема среќа

Трговија со тутун, производство на вино, трговија со фармацевтски производи и компјутерско програмирање се меѓу дејностите кои во 2022 имале најголема месечна бруто плата. На врвот е скопјанец, кој тргувал со тутун, а најголемиот личен доход го остварил скопјанец во странство. И највисоката пензија е странска, исто така кај скопјанец, во износ од 5,8 милиони денари на годишно ниво.

„Највисоката годишна бруто плата во 2022 година е исплатена на скопјанец. Платата е остварена во дејноста „трговија на големо со производи од тутун“ и изнесува 144 милиони денари. На листата на највисоко рангирани бруто плати се најдоа и платите исплатени во дејностите „производство на вино и грозје“, „метални производи“, „болници“, „трговија со фармацевтски производи“, „управувачки дејности“ и „компјутерско програмирање“. Највисокото лично примање во износ од 280,6 милиони денари по основ на извршена работа е остварено од скопјанец. Станува збор за доход кој лицето го остварило во странство и ја исполнил обврската за пријавување на овој доход во земјава“, информираше Лукаревска.

Најмладиот милионер во земјава е само девет години со еден милион денари од закупнина, приходи кои, според Лукаревска, се влечат по основ на некакво наследство. Највозрасниот милионер, пак, има 97 години и минатата година оствaрил доход од 1,2 милиони денари по основ на пензија и доход од извршена работа. Меѓу лицата кои имале најмногу среќа е кочанчанец, кој остварил добивка од игри на среќа.

„Најмногу среќа лани имале граѓани на Кичево и на Кочани, двајцата оствариле добивка од игри на среќа организирани од Државната лотарија. Граѓанинот на Кичево остварил добивка од 32,9 милиони денари, а лицето од Кочани остварило добивка од игра на среќа во износ од 27,3 милиони денари“, додава Лукаревска.

Лукаревска на прес-конференцијата на тема „Годишна даночна пријава – највисок доход во 2022 година“ апелираше граѓаните редовно да го пријавуваат доходот кој го остваруваат од други физички лица во земјава, како и доходот кој го остваруваат од странски компании и странски физички лица.

Ребека Спасова М-Нет