
Со 8 гласа ЗА советниците од пробиштипскиот Совет го усвоија предлог-дневниот ред за вчерашната седница. Со исто толку и го одбија предлогот на советникот од ВМРО-ДПМНЕ – две точки да се тргнат од дневниот ред. Тоа беа истите точки кои се разгледуваа на минатата седница, но не добија зелено светло, а сега беа повторно ставени на дневен ред, ама без некакви корекции во материјалите. Токму тоа беше причината поради која советникот побара отстранување од дневниот ред, но мнозинството во Советот не се согласи со тоа. Се дискутираше и по првата точка, но додека се гласаше за неа, опозициските советници ја напуштија 31. редовна седница на Советот на Општина Пробиштип.
„Со оглед на тоа дека дневниот ред ги содржи точките од претходната седница и со фактот на тоа дека повторно овде се истите материјали, истите спецификации, повторно се содржани сите исти вработувања во Годишниот план што беше и на минатата седница, барам да се стави на гласање овие две точки да бидат отстранети од дневен ред“, посочи советникот од ВМРО-ДПМНЕ.
Но и по напуштањето на седницата од страна на опозициските советници, Советот со 8 советници, од вкупно 15, сѐ уште имаше кворум за работа. Овојпат точките од претходната седница и, новите што за првпат се најдоа на дневниот ред, немаа блокада, па Советот ги изгласа речиси сите точки.
За разлика од оваа, на претходната седница не се изгласаа извештаи за работење на училиштата, годишни планови за вработување на образовни и културни установи. Ваквата ситуација беше постигната со тоа што беа присутни 15 советници, од кои само седуммина гласаа ЗА, а другите беа или против или воздржани.
Ребека Спасова М-Нет