
Во пресрет на натпреварите од 18 коло на Втората Македонска фудбалска лига – Исток екипата на Осогово од Кочани остана без водач на екипата. Тренерот Трајче Сенев вечерва официјално ја потврди оваа информација нагласувајќи дека ги информирал сите играчи дека денешниот тренинг е последен под негово раководство. Трајче Сенев изјави дека оставката ја поднесува во согласност со раководството на клубот, без никакви проблеми ниту некои си недоразбирања, туку едноставно од негови објективни причини. Трајче Сенев во Осогово дојде во самиот финиш на есенскиот дел, успеа да го консолидира тимот постигна серија добри резултати што се одрази со скок на табелата и избегнување на опасната зона. Осогово засега го дели 7 место со Слога од Виница со по 20 освоени бодови. Тој нагласи дека им посакува успешна сезона на играчите и на раководството во понатамошниот тек од првенство и поволни резултати со што клубот би го задржал второлигашкиот статус. Засега нема во план ангажман во друга екипа, веќе рековме дека следи мала, но заслужена фудбалска пауза. Тимот на Осогово во сабота 6 март го очекува настап во 18 коло во кое ќе гостува на екипата Плачковица во Радовиш и според зборовите на Претседателот на клубот Витомир Алексов тимот на Осогово ќе го предводи помошникот – тренер, Александар Андов.
Драги Герасимов – Пушка Мнет.мк