Трансфер „бомба“ на Штип УГД: Шампионот се засили со искусниот Александар Љафтов

Македонскиот одбојкарски шампион Штип УГД со големо засилување за новата сезона во која ќе се оди на одбрана на двојната круна, Александар Љафтов доаѓа во градот под Исарот, како капитално засилување за тимот на Кристиан Ристески.

36-годишниот струмичанец зад себе има фантастична кариера, огромно искуство кое е акумулирано со настапи во повеќе шампионати, покрај настапие во домашното првенство настапувајќи за Работнички и Струмица, меѓународна кариера градеше во Турција, Србија, Кипар, Бугарија, Грција, Хрватска, Саудиска Арабија, Италија, Унгарија, Куваит, Египет како и во Обединети Арапски Емирати.

Љафтов беше еден од главните играчи во репрезентацијата на Македонија која настапи на Европските првенства во 2019. 2021 и 2023 година, а со националниот тим има сребрен мелда на Европската лига во 2015, 2016 и 2017 година, како и сребрен медал од Европската сребрена лига од 2021 година.

Штип УГД претходно ја продолжи соработката со Ѓорги Крстевски, Леандро Џуниор, Махид Задмард, Костадин Ричлиев, Михајло Мирасчиев, Стојче Арсов, Столе Илиев и Давид Стојанов.

Штип УГД ќе ја брани двојната круна, а притоа ќе има предизвик во квалификациите на ЦЕВ Лигата на шампионите против првакот на Холандија, Орион Старс.

Александар Ванев, М-Нет