
Традицијата со потопување на светиот крст во водите по повод празникот Богојавление Водици продолжува оваа година. На 19 јануари во среда по крстот ќе се скока во општините од Истокот. Во Општина Штип, традиционално светиот крст ќе се фрла во водите на Брегалница на две локации во Ново село и од мостот во населба Осми ноември, потврди за М-Нет поп Добрица Јанев.
„Ете сега добивме информација од кабинетот при Брегалничката епархија и согласно традициите на Македонската православна црква ќе има и оваа година положување на светиот крст во реките и езерата во целата наша Брегалничка епархија. Посакуваме нашите верници да дојдат, да се помолиме на Бога, да го проследиме неговото крштение и тој секогаш да ја излева неговата благодет врз нас“ – кажа Јанев.
На три локации светиот крст ќе се фрла и во Општина Карбинци. Како што истакна градоначалникот Виктор Паунов, две веќе познати локации и за првпат годинава светиот крст ќе се фаќа во приватен базен во село Таринци.
„И официјално добивме информација дека ќе се организира настан по повод Водици. Во Општина Карбинци тоа ќе биде на три локации, двете се познати на мостот во Долни Балван, на добор познатата локација во Карбинци и најново во селото Таринци за првпат ќе се организира заедно со месната заедница во приватен базен“ – кажа Паунов.
Светиот крст во Кочани ќе се положи во водите на Кочанска река во градскиот парк, со почеток во 12 часот. Претходно во храмот свети великомаченик Георгиј со почеток од 8 часот ќе биде отслужена Светата Божествена литургија. Од храмот известуваат дека во тек е пријавувањето на верниците кои сакаат да скокаат по светиот крст, а услови се да бидат полнолетни жители на градот Кочани, крстени во православната вера и приота да приложат потврда од матичен лекар за нивната здравствена сосотојба.
Инаку, минатата година заради ковид пандемијата светиот крст не се положуваше во водите и верниците не скокаа по истиот.
Лаура Стојанова М-Нет