
Новиот сој омикрон ги зголеми и интервенциите на Итната медицинска помош во Штип. Според нивните извештаи, таму сѐ почесто доаѓаат граѓани кои имаат респираторни симптоми, а ваквата појава е зачестена последниве две недели. Како што велат од таму, само викендов имале 71 амбулантски преглед, но не биле некои сериозни случаи. Дел ги препраќале кај матичните лекари, а дел на Инфективното одделение во Клиничката болница.
„Кај нас доаѓаат луѓе кои се најчесто со респираторна симптоматологија. Тоа е со покачена телесна температура, болка во грлото, зарипнат глас и изразена кашлица. Во повеќето случаи најчесто станува збор за вирусни инфекции, меѓутоа кај мал дел од нив се работи и за гнојна ангина. Помал дел од пациентите беа со кардиоваскуларни заболувања, односно покачен крвен притисок или градна болка, а тоа се претежно лица коишто примаат кардиолошка терапија. Оние кои се иследени, ги препраќаме до матичните лекари или по потреба и до Инфективно одделение, иако овој викенд нема некои сериозни случаи за упат до Инфективно одделение.“ – информираат од Итната медицинска помош.
Некои посериозни и изразени случаи не се забележани во викенд – извештајот, единствено има неколку вообичаени домашни посети. Во текот на овие два викенда претежно се вршеле прегледи кај лица со респираторна симптоматологија.
„Еден дел од прегледите, најверојатно, се од новиот Ковид – 19 сој, омикрон, кај друг дел станува збор за грип или вироза. Има случаи и на гнојни ангини, но нема случаи кај кои итно имало потреба да се однесат до Клиничка болница Штип. Имаме и такви случаи кај кои по заразувањето со делта сојот има голем број постковид симптоми од истиот сој.“ – додаваат од Итната медицинска помош.
Согласно со нивниот извештај во последниве две недели, не само за викенд, туку и во текот на работната недела, најчести биле прегледите кај лица кои имаат симптоми како што се кашлица или болка во грлото.
Ребека Спасова М-Нет