Традиционално со собир кај „Стришанска чешма“ во Кочани одбележан празникот Свети Архангел Михаил

Осветена водата на „стришанска чешма“ со што се одбележа денешниот празник Свети Архангел Михаил во Кочани. Традиционално и оваа година, граѓаните се собраа кај чешмата во Стришани, си посакаа успешна и бериќетна година, здравје и среќа. Кумот, Димчо Андонов, вели дека ваквата традиција се негува помасовно од 2009 година, а чест и привилегија е да се биде кум.

„Ова е долгогодишна традиција, поинтезивно се практикува од 2009 година кога се реновираше стришанската чешма. Тоа е една убава традиција која се практикува секоја година се помасовно и помасовно. Целта е да се почитува вербата кон Бога, основните семејни вредности и соживотот на еден народ.“ – вели Андонов.

Кумството се предаде, догоина на овој празник на стришанска чешма ќе има двајца кумови. Радува фактот што и помладите ја негуваат традицијата и се дел од ваквите настани.

„Ова за нас значи здравје, среќа, бериќет, понатамошна успешна година, продолжување на традицијата и стекнување на нови верски вредности. Убаво е кога и младите ги негуваат овие обичаи и традиции.“ – вели Минов.

А, повозрасните граѓани сведочат дека ова за нив како жители од стришанско маало е од големо значење. Се присетуваат на нивните обичи, стари традиции и вредности.

Со кршење на погачата, вино и црковно народен собир граѓаните и годинава му оддадоа почит на својот заштитник Свети Архангел Михаил.

Лаура Стојанова М-Нет