
Кочанското село Горни Подлог беше домакин на традиционалното зажнејување и вршидба на ориз во рамки на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“. Достоинствена и прифатлива цена на оваа култура, како и пренесување на традицијата и обичаите на новите генерации беа пораките коишто ги пренесе кочанскиот градоначалник, Љупчо Папазов, ставајќи акцент на стопанскиот развој на селото и регионот.
„На ова место, на овој ден имаме можност да го чествуваме и да му се поклониме на оризопроизводителот,к да се заблагодариме на придобивките кои ги имаме од производството на оризот и да го одржиме достоинството на оризопроизводителот и да ја вратиме достоинствената цена на оваа култура“, истакна Папазов.
На денешната манифестација беше прогласен и најдобриот оризопроизводител – земјоделец, а оваа година ваквото признание ѝ беше доделено на Анета Велкова од с. Грдовци.
На настанот присуствуваше и заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, кој во своето излагање истакна целосна поддршка на земјоделците – оризопроизводители. Истакна дека за вакви случувања оваа година се потпишани речиси 50 договори, а продолжуваат и мерките за поддршка и поттик на земјоделците.

„Како Министерство ги поддржуваме сите овие настани и манифестации со цел оризопроизводителите да ги презентираат своите производи и традицијата што ја имаме. Ние како Министерство исто така со програмите што ги имаме ги поддржуваме оризопроизводителите и ќе продолжиме, бидејќи се гледа дека тоа дава резултати. И минатата и оваа година потпишавме 47 договори за вакви настани и манифестации“, Абдулшуќур Абедини, Заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Ова беше централниот дел од манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“, која оваа година се одржа во периодот од 4 до 8 октомври. По настанот во с. Горни Подлог, во Градскиот парк во Кочани следеше забавно – културна програма.
Ребека Спасова М-Нет