Пожар во Штип ги оставил Себајдин Усеинов и децата без покуќнина, бара помош од хумани граѓани

Собата претесна за Себајдин Усеинов од Штип и неговите деца била сѐ што имале тие. Но по пожарот кој ги зафатил, останале без ништо. Сакајќи да заработи нешто, кога се вратил, останал во неверување од направената штета. Помош барал од институциите, но од таму барале документ кој ќе докаже дека ги зафатил пожар, а надлежните институции не сакале да му го обезбедат.

„Во неделата дојдов од гроздобер, ми беше запалена собата. На гроздоберот бев со децата, кога дојдов гледам сѐ изгорено. Сите работи што ги имав, немам сега ништо. Беа и полицијата и пожарната овде“, вели Усеинов.

Усеинов и неговите деца живеат од околу 5.000 денари социјална помош, собира пластични шишиња или проси по градот, а периодов оди и на гроздобер за да заработи некој денар. Ама вели, со високите цени тоа бргу се троши, а на децата не може ниту да им обезбеди соодветно образование.

„Подобро ми беше, имав многу работи што си ги купив сам со пари. Сега сѐ изгубив. Барам да ми се помогне ако може, тука немаме ништо, ниту вода, ниту струја“, додава Усеинов.

Усеинов бара помош од хуманите граѓани, да му помогнат со храна, облека, предмети за дома или финансиски средства. Со сегашните примања, вели, невозможно е да се преживее.

Ребека Спасова М-Нет